top of page

DELIRIUM TREMENS

Благоја Ристески Платнар

М о н о д р а м а од Благоја Ристески Платнар- Monodrama - Blagoja Risteski-Platnar

 

Актерска игра и режија - Actor and director:

СЦЕНСКИ РАБОТНИК – Игор Трпче - STAGEHAND - Igor Trpceski

 

Музика - Music:

Артист: Димитар Ѓорѓиевски - гитара, бас, вокал - The Artist: Dimitar Gjorgjievski - gutar,bass and vocal

Драматург: Менде Костоски - хармоника и пијано - The Dramatist: Mende Kostoski - Accordion and piano

Келнерот: Филип Јездиќ - перкусии и тапани - The Waiter: Filip Jezdic - Drums and Percussion  

Специјален гостин: Борче Миленкоски на сакс - Special guest star: Borce Milenkoski - Sax

 

Сцена и костим: Бојана Артиновска Трпческа - Scenography and costume: Bojana Artinovska Trpceska 

Превод на англиски: Лидија Митоска Ѓорѓиевска - Translation and adaptation: Litija Mitoska Gjorgjievska

Тон и светло: Томе Темелкоски - Light and sound : Tome Temelkoski

Видео:  АРТЕРИА - Емил Петров -  Video: ARTERIA - Emil Petrov

 

 

 

Ферид Мухиќ

 

ЖИВОТОТ КАКО SOBRIA EBRIETAS

 

Кон  монодрамата Delirium tremens од Благоја Ристески - Платнар

 

Состојбата на свеста  опфатена со реторичката фигура Sobria ebrietas,  воведена од Св. Августин,   клучна  за разбирање на мистичката традиција во антиката, наедно е и клучот за разбирање на централниот мотив на монодрамата  Delirium tremens  на еден од најзначајните македонски драмски писатели - Благоја Ристески – Платнар.

            Sobria ebrietas – “Трезното пијанство“,  на прв поглед и во стриктно формално-логичка смисла, несомнено претставува класичен оксиморон,  противречност во поимот, накусо, бесмислица. Според логичкиот закон за исклучување на третото, законот кој беспоговорно заповеда “Или/Или“,   не можеш едновремено да бидеш и трезен и пијан: или си трезен, или си пијан! Но, животот не се управува според логичките закони, па ни според законот за исклучување на третото. Од каде, инаку би црпеле сила слободните духови (каков што впрочем, беше Платнар), ако не од животот, кој во својата најдлабока суштина е  единствената енклава на слободата, слободна територија, единствената бесцаринска зона во царството на нужноста!  Диктатурата  на физичките закони на апсолутниот детерминизам, која владее со универзумот, не е доволно моќна на животот да му ја наметне својата апсолутна власт!

 

            Та така, без оглед на космичките закони и нивната логика, во животот може да се биде и трезен и пијан! И пијан од својата трезвеност и растрезнет од своето пијанство!  Животот е слободен од стегите на наредбата да се избере помеѓу “Или/Или“, животот  е втемелен врз слободарскиот принцип “И/И“ , кој парадоксално им противречи на логичките закони. Впрочем и животот е парадоксален – дури,  во апсолутната нужност на Семирот, животот како подрачје на слободата, сам по себе исклучок, чудо за неверување и најголем парадокс! Но исто така, за разлика од  светот на објектите, во кој што, навистина мора да важи принципот “или врне или не врне“, и каде што не можат да постојат едновремено две спротивни состојби, туку тие се сменуваат, како на пример денот и ноќта – светот на животот не е само сукцесија! Во животот може едновремено и да врне и да не врне, и во душата едновремено да е глува доба на ноќта, и блескавото пладне!         Животот не е  сменување на состојбите на трезвеноста и пијанството, туку многу често животот претставува нивното едновремено присуство, нивната сплотеност која веќе не може да се разграничи; без ризик да се згреши, целиот живот може да се разбере (не само најдобро, туку веројатно и единствено така може да се разбере!), како екстатички феномен, како експлозија на занесот, накусо, како еден непрекинат Delirium tremens! Фактот што малкумина тоа го разбираат, не менува ништо! Дилемата дали сум “жолта пеперутка која сонува дека е човек, или сум човек кој сонува дека е жолта пеперутка“ не е дилемата само на Лао Це; тоа е дилемата на целото човештво, отсекогаш, дилемата на секој човек! Има ли јунак, крепи ли светов мудрец кој што со сигурност ќе може да одговори, кога ќе дојде мигот самиот да се запраша: “Живеев ли, навистина!? Или тоа само мина сенка преку река!?“  

            Екстазите, занесите, мистичките ритуали, езотеричките кружоци, окулстистичките тајни заедници,  делириумите, вклучително и сите пијанства - сето тоа се само референци во големата енциклопедија на обидите да се најде сигурен одговор на ова прашање! Целата историја на општествената самосвест, најважното во филозофијата и најдоброто во поезијата,  како и најголемиот дел од ликовната уметност,   претставуваат историја на обидите да се разреши оваа дилема, овој егзистенцијален императив: Да се дознае одговорот или да се – пропадне!

            Монодрамата Delirium tremens, наспроти сета своја навидум  аскетски симплифицирана фабула, во основа е адресирана токму кон ова најкрупното прашање на човечкиот живот! Низ сосема секојдневни слики на единствениот лик кој се двоуми дали е сценски работник или е актер, дали е женет или е ерген, дали сторил злостор или не го сторил, Платнар ја внесува драмата на неизвеноста до степен порадикален од тврдењето на Калдерон: La vida e suenо! – Животот е сон!   -  имено, до  степен на кој станува невозможно со сигурност да се одговори дали воопшто и сонуваме! Што ако животот не е дури ни сон, што ако е само хаотичен кошмар!? Што ако смртта е само чинот на иреверзибилното будење од тој кошмар!? Калдероновата дилема во која  со репликата: “Ако животот е сон – не будете ме!“,  спасот го бараме во продолжувањето на животот преку продолжувањето на сонот, во основа изразува една бенигна позиција на наивна верба и прифаќање на животот. Одејќи до самиот раб на свеста, Платнар на сцена внесува моќна и страотна  опција, дека спасот не е во спиењето, туку во будењето од овој живот!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Со секој свој збор и со целата своја морничава исповед пред гледачите,  ликот на неговата монодрама всушност преколнува: “Ако е ова животот – разбудете ме!“ Час поскоро! Додека сме живи, спиеме; кога ќе умреме, се будиме! Во оваа пресвртена дијалектика на животот и смртта, моќна, а дискретна и суптилна, лази и се вовлекува јанѕата во потсвеста на гледачот,   како онаа змија од песната на Платнар, што се мушна низ тревата и се скри во грмушките.        

...Поетски збирки, колумни, кабаретски текстови, рецензии, преводи, драми – особено драмите - својата коресподенција која  претставува врвна епистоларна книжевност, та дури и телеграмите,  накусо, се што пишувал Платнар го пишувал раководен од принципот: Само најдоброто е доволно добро! Се што Платнар напишал, беше напишано така да знае дека го напишал Платнар. У денес и тогаш, што беше невозможно е да се збреши, одвишно е да се праша кој е авторот на кој било Платнаров текст. Неговото знаење, длабоко резбирање на умните и заумните нешта, на мудрите и на безумните луѓе,  неговата огромна ерудиција,  беа можни агрегати на дестилирање најпрефинети емоции, поткрепа за остри обсервации, референца за карактеролошки студии. Богатството на неговата лексика,  без пример во целата македонска книжевна лексика,  му овозможи на суптилниот дух на македонскиот јазик раскошно да избликне во дотогаш невиден огномет со кој ја украси, ја разубави и ја осветли вистинска моќ, демантирајќи ја така, на најдобар начин, вековната заблуда за провинцијалниот карактер и инфериорната експресивност на македонскиот јазик, исткаена од идеолошки фабрикуваните квази научни памфлети. Ќе треба многу енергија, талент, усет и истражувачка систематичност, за во иднина да се разбере и систематски растолкува, со кои средства, техники, постапки и решенија, со каква инспирација и ингениозност, Платнар успеал да ја отфрли таа мрачна наметка, а македонскиот јазик да го престори во вистинската  Aurora borealis, во празникот на илуминациското јазичко чудо, кое свети и ноќе, тогаш и таму, каде и кога другите јазици одвај борина запалиле!

 

Театарската Работилница Прилеп која е влезе во националната програма за култура со монодрамата Delirium tremens од Благоја Ристески – Платнар, направи вистински потег на кој од срце и честитаме.

 

Се разбира, со оглед на тоа што секоја институција всушност претставува конкретни  луѓе, оваа честитка до Работилницата,   упатена е до тимот кој што ја постави оваа монодрама на сцена: Игор Трпчески,  актер и режисер на претставата;  и до музичката придружба која ја чинат Димитар Ѓорѓиевски, Менде Костоски и Бојан Андрески; до Бојана Артиновска,  автор на сцена и костим; на Лидија Митоска преведувач на текстот на монодрамата на англиски јазик, со оглед на податокот дека  проектот предвидува и печатење на книга со текстот на македонски и англиски јазик.

 

...Беше самиот раб од летото. А летото, како и сите нешта на овој свет, обрабено е со два раба; едниот раб кон бескрајот од кој дошло, другиот раб кон бескрајот во кој ќе го снема. Првиот раб на летото е оној кон пролетта; вториот е работ кон есента.

 

...На  работ од летото, оној раб од страната кон есента, во месецот во кој Тезеј ги ослободел Атињаните од Минотаур, не многу дена пред самиот да отплови, за на Аријадна и Тезеј, на Шекспир и на Блажета Конески да им се придружи, и со сите одбрани мајки и жени заедно, кај Минотаур на вино и песна да појдат и за лавиринтите вечни да разменат мислење, во еден лефтерен разговор со своите пријатели на тема на наближувањето на крајот од летото, Платнар заклучи: „Верувајте ми, ви тврдам дека работ од летото, за љубов е – најдоброто доба. И за смртта.“ 

 

...И така, најдоа дека златото од прадревната маслина долго капело во катчињата од срцето на Платнар. И дека, со секој дамар и со секоја контракција на срцето, златото се точело во неговата жешка крв, за низ капиларите на душата, да се стопи со секоја негова мисла во која зрееше во зборови, секогаш јасни и чисти – и кога беа слатки како црни карадудки, и кога беа горчливи како пелин!  

 

...Откако замина Платнар, Пелагонија, пуста без јавачи, молкна. Онемено наслушнува како - без престан, дење и ноќе -  од Мариово, преку работ од прегработ на вулканскиот кратер, како лава се прелева татнежот на потковиците исковани од зборовите на Платнар!   

 

 

 

Delirium Tremens или Алкохолно труење е дијагноза која ја добиваат хронични алкохоличари помеѓу 48 и 72 часа од последната испиена чашка алкохол. Проследена е со тресење, дезориентација па се до халуцинации и стравови кои би можеле да го доведат субјектот во афектна состојба и да го направат опасен по себе  и по околината.

 

За жал, иако еден од првите текстови на Благоја Ристески - Платнар, напишана осумдесеттите години од минатиот век, траги - комедијата Delirium Tremens не ја дочека својата премиера на сцените, веројатно поради непопуларноста на монодрамата како жанр во тоа време, но никако не би требало да биде заборавена денес.

 

Уште на самиот почеток на текстот, авторот го загатнува „театарот во театар“ така што јунакот ни го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и ни соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата, е во болница поради Delirium Tremens.

 

Така приказната ја гледаме како низ едно скршено огледало низ призмата на овој сценски работник, затоа што ситуацијата во која тој е затекнат, е едноставна од една страна, но и генијална од друга, затоа што уште со самиот почеток на претставата се поставува директен контакт и однос со публиката што ја прави претставата интерактивна, а публиката соучесник, во сè што се случува на сцена.

 

Понатаму почнуваат да се преплетуваат ликовите за кои раскажува нашиот јунак... Драматургот, Управителот, Актерот, поради кого претставата е одложена... Тие еден по еден, полека, ќе почнат да се материјализираат на сцена, поточно актерите и музичари од бендот во бифето од театарот, постепено и од време на време ќе ги надополнуваат и создаваат сцените за кои раскажува нашиот херој со што ќе го надополнат ДЕЛИРИУМОТ кај нашиот јунак и ќе станат нераскинлив дел од претставата во целост и приказната која се раскажува.

 

Кулминацијата на оваа необична приказна се случува кога нашиот јунак толку ќе се опие од љубов и алкохол што ќе заборави дека е женет и дека неговата жена е дома, каде што тој ќе ја одведе  Балерината. 

Таа кобна средба ќе биде критичниот момент од каде ќе почне да се расплетува, оваа наша сега веќе неверојатна приказна која одеднаш  како кај сите добри автори ќе почне да се трансформира. Поточно, ќе се скрши гранката од јаболкницата, на која се качил нашиот јунак, бегајќи од бесот на сопствената жена и тој ќе падне врз неа и ќе ја УБИЕ. Е тогаш започнува вистинскиот пресврт, не и последниот, кој нашата комедија засега ќе ја претвори во драма.

 

Текстот започнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази како, апсурд, фарса,  музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психо – драма и анти – драма или анти - театар.

 

Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

 

Актер и режисер

Трпчески Игор

 

bottom of page